Канадската пејачка Аланис Морисет (52) откри дека е пансексуална за време на гостувањето во подкастот „Handsome“, кој беше емитуван на 3 ноември. Пејачката зборуваше за својата сексуалност во разговор со водителките Тиг Нотаро, Форчн Феимстер и Меј Мартин.
Кон крајот на разговорот, Форчн Феимстер се осврна на минатите љубовни врски на пејачката и песните што произлегле од нив. „Жал ми е за мажите што те повредија, но не ми е жал за песните што настанаа од тоа“, рече таа, а потоа праша: „Дали тоа некогаш те натера да посакаш да бидеш лезбејка?“
„Јас сум пансексуална, па… да“, одговори Морисет. Нејзиниот одговор ги изненади водителките. „Чекај, дали навистина си пансексуална?“ праша Тиг Нотаро. „Да“, потврди пејачката.
Кога водителките се пошегуваа дека требало да ја открие оваа вест уште на самиот почеток од подкастот, Морисет возврати: „Сакам таквите работи да ги чувам за крај“.
Пансексуалноста се однесува на сексуална, романтична или емоционална привлечност кон луѓе, без оглед на нивниот пол или родов идентитет.
Од 2010 година, Морисет е во брак со раперот Марио „Соулај“ (Souleye) Тредвеј, со кого има три деца: синовите Евер (15) и Винтер (7), како и ќерката Оникс (10).

