Во септември годинава, во Македонија биле регистрирани осум нови случаи на ХИВ/СИДА, сите кај лица од машки пол, покажуваат податоците од најновиот месечен билтен на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Четворица од новодијагностицираните се на возраст од 30 до 39 години, а по еден случај е регистриран во возрасните групи од 15-19 години, од 20-29, од 40 до 49 и од 50 до 59 години.
Во септември биле пријавени и два смртни случаи кај лица со ХИВ, кои претходно биле евидентирани со инфекцијата, во 2015 и 2018 година. Двете починати лица биле на возраст од 40 до 49 години. Според податоците на ИЈЗ, од почетокот на 2026 година до 30 септември во земјава се регистрирани вкупно 49 случаи на ХИВ/СИДА.
Од почетокот на евиденцијата во 1987 година, па до септември 2026 година, во земјата се регистрирани вкупно 778 лица со ХИВ/СИДА. Од нив, 520 лица живеат со ХИВ/СИДА, 144 лица се починати, а 114 лица се водат како изгубени за следење, односно иселени.
Во билтенот за акутни заразни заболувања е наведено дека во септември четири лица починале од западнонилска треска во Македонија, а вкупно 1.042 лица заболеле од акутни заразни болести. Бројот на заболени е за 22 отсто поголем во споредба со истиот месец минатата година, кога биле регистрирани 854 случаи.
„Сите четири починати лица се на возраст од 65 до 70 години и кај нив била дијагностицирана невроинвазивна форма на западнонилска треска. Тие биле хоспитализирани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а кај сите биле регистрирани и придружни заболувања“, пишува во билтенот.
Епидемијата на западнонилска треска сè уште е во тек.
Најголем дел од регистрираните заразни заболувања во септември биле цревни инфекции. Од вкупно 1.042 пријавени случаи, дури 694 биле ентероколитиси, што е 66,6 отсто од сите регистрирани акутни заразни заболувања.
Во споредба со септември минатата година, кога биле пријавени 465 случаи на ентероколитис, годинава е забележано зголемување од 49,2 отсто. Од почетокот на годинава до крајот на септември биле регистрирани 4.313 случаи, што е за 43,1 отсто повеќе отколку во истиот период лани.
На второ место по зачестеност се овчите сипаници со 123 заболени, по што следуваат салмонелозите со 56 случаи, шугата со 47 и бактериските инфекции и интоксикации предизвикани од храна со 30 случаи.
Во септември биле регистрирани и 29 случаи на инфективна мононуклеоза, осум случаи на легионерска болест и шест инфекции предизвикани од бактеријата ешерихија коли.

