Жените се мнозинство меѓу вработените во јавниот сектор, но не и на позициите на кои се носат одлуките. Иако со 39,2 отсто учество во 2024 година државата има релативно висока застапеност на жените во Собранието, во Владата тие учествуваат со само 15 отсто, а од 58 лица именувани на лидерски позиции од страна на Собранието, само 16 се жени, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија.
Ревизијата покажува дека не се воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски позиции и на раководни функции во органите на централната власт a податоците укажуваат на мала вклученост на жените на позиции (министер, заменик министер и државен секретар) во Владите во период од 10 години.
Учеството на жените во Владата како министерки е во интервал од 14 до 31 отсто, заменик министерки од 7 до 25 отсто а државни секретари од 6 до 31 отсто. При тоа, има Влади во кои ниту една жена не е именувана за заменик министерка
или државен секретар.
Во сегашниот состав на Владата, од вкупно 20 министри со ресор само 3 се жени, што претставува 15 отсто.
ДЗР нагласува дека државата има Стратегија за родова еднаквост 2022–2027, во која е утврдена целта за еднакво учество на жените во носењето одлуки, а во документот е наведена специфичната цел 2.4: „Еднакво учество на жените во донесување одлуки на сите нивоа во политичкиот и јавниот живот“.
Проблемот, според ревизорите, е во спроведувањето. Иако стратегијата поставува јасна цел не се дефинирани ниту конкретни мерки и механизми за следење и отчетност на највисоките нивоа на управување и во политичките партии.
„Иако стратегијата поставува јасна насока и приоритет за унапредување на женското лидерство, постои јаз помеѓу стратешките определби и нивната практична имплементација, што влијае за ефективноста во постигнувањето на родова еднаквост на највисоките нивоа на одлучување“, констатира Државниот завод за ревизија.
Во извештаите за спроведување на Стратегијата и Националниот акциски план за родова еднаквост 2022–2024, дополнително е наведено дека дел од планираните активности, меѓу кои и оние што се однесуваат на измени на изборното законодавство, не биле реализирани. Дополнително, Владата нема назначено координатор и заменик координатор за еднакви можности.
„Утврдивме дека Владата нема назначено координатор и заменик координатор за еднакви можности што создава ризик за координативно настапување и водење грижа за родовата еднаквост и влијае врз целокупниот процес на воспоставување на родова еднаквост во институциите во државата и ја ограничува ефикасната имплементација на политиките за родова еднаквост во државата. Исто така, Владата, нема воспоставен систем за собирање на родово разделени податоци за членовите во работните тела, делегациите, консултативните и координативните тела како и членовите на управните одбори на јавните претпријатија и установи и трговски друштва во доминантна сопственост на државата“, пишува во ревизијата.
Како значаен ризик за учеството на жените во политиката и на високи раководни функции ревизијата го издвојува говорот на омраза , особено во онлајн просторот.
ДЗР констатира дека говорот на омраза е една од најголемите пречки за учество на жените на високи раководни функции, бидејќи има негативно влијание врз нив и врз членовите на нивните семејства и може да ги одврати од прифаќање раководна функција.
Со цел отстранување на утврдените слабости и создавање услови за поголемо учество на жените во политиката и на високите раководни позиции, дадени се препораки до Собранието, Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и политичките партии.
„Европските институции потенцираат дека насилството и вознемирувањето кон жените активни во политиката се сериозна пречка за учество и бара институционални правила против сексистички и говор на омраза, механизми за справување со вознемирување и мерки насочени кон онлајн просторот. Во таа смисла, „сигурна средина“ не се сведува само на отсуство на физичка закана, туку подразбира средина без страв, без понижување и без системски притисоци, во која жените можат рамноправно да дебатираат, одлучуваат и напредуваат“, пишува во извештајот.
Државниот завод за ревизија дал вкупно 20 препораки до институциите и политичките партии. Меѓу нив се и спроведување на Планот за унапредување на родовата сензитивност на Собранието, обезбедување соодветна застапеност на пратениците од различен пол во собраниските работни тела и донесување на Законот за високи раководители.
Од Владата се бара анализа за можностите за зголемување на учеството на жените, назначување координатор и заменик координатор за еднакви можности и подобрување на спроведувањето на заклучоците и препораките на собраниската Комисија за еднакви можности. Министерството за социјална политика, демографија и млади, меѓу другото, треба да обезбеди во Стратегијата за родова еднаквост да има „посебни мерки со јасни, конкретни и мерливи индикатори“, како и преку Ресурсниот центар да обезбеди едукација и институционална поддршка за жените кои сакаат поголемо учество во лидерски, управувачки и политички функции.

