Според наодите на Комисијата, грижата за време на бременоста, упатувањето во Клиничката болница Штип, породувањето со царски рез, анестезијата и следењето по операцијата се спроведени според важечките протоколи и добрата клиничка пракса.
„Спиналната анестезија е дадена во лумбалниот (долниот) дел на ’рбетот, со стандарден лек и доза, додека промената во ’рбетниот мозок е утврдена значително повисоко, во градниот дел. Постоперативниот тек бил уреден, пациентката е отпуштена без невролошки симптоми, а тие се појавиле неколку дена подоцна. Според Комисијата, најверојатна причина е спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови во ’рбетниот мозок, која не може да се открие со ангиографија. Причината сè уште не е дефинитивно утврдена.“ стои во соопштение од министерството.
Комисијата препорачува, кога состојбата на пациентката ќе дозволи, да се заврши дијагностиката за конечно утврдување на причината, како и да продолжи рехабилитацијата со редовно невролошко следење.
„Кога една млада мајка по породување се соочува со вакви последици, должни сме на неа, на нејзиното семејство и на јавноста да дадеме јасен и стручен одговор. Затоа формиравме комисија со експерти од земјата и од странство. Нивниот заклучок е едногласен – нема лекарска грешка. Тоа не ја намалува тежината на она низ што минува таа. Министерството ќе продолжи да ѝ обезбедува сета потребна поддршка во лекувањето и рехабилитацијата“, вели министерот за здравство Сашо Клековски.
Во комисијата учествувале пет експерти од различни специјалности, од кои двајца од странство: д-р Игор Самарџиски, гинеколог-акушер, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство Скопје (претседател); д-р Горан Рондовиќ, анестезиолог, началник на Клиника за анестезиологија на Воено-медицинска академија Белград; д-р Дејан Георгиев, невролог, раководител на оддел за неврологија на Универзитетски клинички центар Љубљана; д-р Миќун Миќуновиќ, неврохирург, ЈЗУ Специјална болница „Св. Еразмо“ Охрид; и д-р Дејан Даскалов, радиолог, ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија Скопје.

