Чико живее изолирано во амазонската дождовна шума веќе 38 години, откако неговите родители починале, а сопругата го напуштила. Во неговиот „двор“, тој засадил околу 1.500 овошни дрвја – од бразилски ореви до манго и банани, со кои се храни.
Кога сака месо, оди на лов. Се обидел да одгледува кокошки и свињи, но шумските предатори ги изеле сите негови животни, вели „Панкуфер“.
Амазонија е едно од најубавите места на Земјата, но и една од најпредизвикувачките области за живеење – и поради високата влажност, обилните дождови и честите поплави, и поради предаторите што демнат на копно и во вода. Јагуари, кајмани, отровни жаби, електрични јагули и бројни опасни змии се само дел од овие опасности.
Во последните четири децении, Чико имал неколку блиски средби со опасни животни. Сепак, првиот пат кога помислил дека ќе го „сретне Создателот“ бил кога бразилски орев му паднал право на главата. Нетретираниот бразилски орев тежи помеѓу два и три килограми, а неговиот удар може да биде смртоносен, особено ако живеете во изолација како Чико.
Чико живее сам во скромна куќа покрај притока на Амазон – буквално на средина од никаде. Сепак, во областа се раскажуваат приказни за него, а повремено му доаѓаат гости. Истото беше и кога го посети тимот на YouTube каналот „Yes Theory“, кој вообичаено патува во оддалечените делови на светот.
Со него, тие ја истражуваа дождовната шума, јадеа месо од дива свиња и разговараа за животот во изолација.

