Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд во Скопје поднесе обвинение едно лице кое во јуни годинава, пред амбасадата на Бугарија во Скопје ги запали возилата на амбасадата и предизвика пожар. Лицето ќе одговара за кривично дело загрозување лица под меѓународна заштита.
„Според дејствијата опишани во обвинението, обвинетиот претходно на бензинска пумпа во непосредна близина на амбасадата наполнил пластично шише со бензин и се упатил кон објектот. Откако се доближил до паркираните возила што ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во Амбасадата, ги полеал со бензинот и ги запалил, по што веднаш го напуштил местото на настанот“, информираат од Обвинителството.
Заедно со Обвинителниот акт, јавниот обвинител до судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор. Според обвинителството, околностите укажуваат на опасност обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и со тоа да го попречи водењето на кривичната постапка. При предлагањето на мерката предвид се земени и висината на казната пропишана за кривичното дело, како и природата на дејствијата што му се ставаат на товар, насочени кон сигурноста и правата на лица под меѓународноправна заштита, вклучително и дипломатски претставници.
Според Кривичниот законик, за делото што му се става на товар на обвинетиот е пропишана казна затвор од најмалку една година.

