Две жени, на возраст од 62 и 56 години побарале Итна медицинска помош во Кавадарци под сомнение дека се затруле со заостанати велигденски јајца.
Една од жените, била задржана на болничкото одделение во болницата, а другата, по неколку часовно медицинско следење, изразила желба да си оди дома бидејќи се чувствувала подобро. Ова за МИА го потврди началникот на Службата за итна медицинска помош во Кавадарци, доктор Антон Паракеов.
Доктор Ратко Грков од Итната медицинска помош во Кавадарци изјави за МИА дека и за време на неговата смена имало пациенти со поблаги симптоми на труење, кои навеле дека претходно јаделе велигденски јајца.
Грков, заедно со Паракеов, апелира граѓаните да бидат внимателни при консумирање на преостанатите велигденски јајца, со цел да се избегнат можни здравствени последици од употреба на постара храна.

