Премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање во однос на динамиката со која се изведуваат градежните активности на автопатите, особено на автопатот Кичево-Охрид, изјави дека сите делници од коридорот 8 продолжуваат непречено со изградба, а моментално се работи на галериите.
Тој посочи дека државатта се соочила со потешкотии откако кинеската „Ексим“ банка прекинала со исплаќањето на средства, но како што кажа, „сепак успеале брзо да се реорганизираат“.
„Имавме мала потешкотија, морам да признаам, посебно во делот на обезбедување на средства за довршување на делницата Кичево-Охрид. Затоа што знаете дека заемот којшто го добиваме од кинеската „Ексим“ банка, повеќе не го добиваме, престана“, појасни Мицкоски.
Кинеската банка „Ексим“ прекина со финансирањето на автопатот Кичево–Охрид откако, според Јавно претпријатие за државни патишта (ЈПДП), претходната влада испратила писмо со кое ја известила банката дека натамошните средства за проектот ќе ги обезбедува државата.
Од Амбасадата на Народна Република Кина пак, посочија дека со заемите за проектот биле обезбедени околу 529 милиони евра, од кои до февруари 2026 година се исплатени 478 милиони, а преостанатите 51 милион ќе се исплаќаат според договорот. Оттаму додаваат дека, иако македонската страна побарала дополнителни средства поради проширување на обемот на работите, со договорот од 2019 година се обврзала да не бара ново финансирање доколку проектот ја надмине првично договорената сума.
Изградбата на Охрид-Кичево, како што кажа премиерот, ќе продолжи да се гради со пари од домашните банки и се очекува да биде последното финансирање за автопатот кој се гради веќе 12 години.
„Формиран е еден синдикат од домашни банки со исклучително, би рекол, поволни услови. И практично тие домашни банки ќе го дозавршат финансирањето и тоа ќе биде последно. И со тоа веќе конечно таа делница ќе биде функционална“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека изградбата на делниците Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани напредува откако извештајот бил доставен до заемодавателите, како и на делницата Прилеп–Битола, која е дел од Коридорите 10 и 10-д.
Мицкоски даваше изјави при посета на општина Сруга, заедно со градоначалникот Менди Ќура.
Инаку, во февруари годинава беше најавено дека со нови 186 милиони евра и рок до јуни идната година ќе се довршува автопатот Кичево – Охрид. Во март директорот ја ЈПДП, Коце Трајановски потпиша нов, осми по ред, анекс на договорот меѓу ЈПДП и кинески Синохидро, а парите се наменети токму за стабилизација на свлечишта со изградба на 14 галерии. Овие средства, според денешната најава на примерот, се чини дека треба да се обезбедат во форма на кредити од домашните банки. Автопатот е во должина од 57 километри од кој досега се пуштени 40-ина километри.
Автопатот се гради повеќе од 12 години, а проектот го започна поранешниот премиер Никола Груевски, кој е сега осуден на казна затвор и ужива азил во Унгарија. Случајот со финансирањето на автопатот преку кредит од кинеската „Ексим“ банка беше еден од случаите на Специјалното јавно обвинителство, наречен „Траекторија“. Меѓу обвинетите, покрај Груевски, беа и поранешниот вицепемиер Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на ЈПДП, Љупчо Георгиевски. Обвинението против нив за овој случај застаре по измените на Кривичниот законик кои ги донесе претходната власт, на чело со Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ). Стануваше збор за обвиненија дека во овој случај државниот буџет е оштетен за 155 милиони евра. Претходно, со години наназад, случајот беше одлоговлекуван низ судските лавиринти.

