Европската унија од денеска и официјално започнува со примена на електронскиот систем за влез и излез од Унијата EES – Entry/Exit System. Со него на надворешните граници на Европската унија копнени, пристанишни и аеродромски се воведува нов, дигитализиран начин на евиденција и контрола на државјани кои патуваат за краткорочен престој, а се од држави кои не се членки на ЕУ.
За македонските граѓани ќе важат истите правила како и за сите државјани кои се надвор од ЕУ. Во пасоштите од нашата земја нема да стојат печати, туку системот автоматски ќе ги регистрира влезовите и излезите на патниците, користејќи биометриски податоци како фотографирање на лицето и земање отпечатоци од прсти.
Воведувањето на ЕЕС ќе треба да го олесни влегувањето и излегувањето од Унијата со електронската евиденција, а системот ќе овозможи побрза идентификација на лицата и поефикасно следење на дозволениот престој согласно правилото „90 дена во период од 180 дена“. Тоа значи дека македонските граѓани во иднина ќе треба многу повеќе да внимаваат да не го пречекорат дозволениот престој.
Министерството за внатрешни работи пред неколку денови извести дека Граничната полиција ги презема сите потребни мерки и активности, со сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, за да обезбеди брз и непречен проток на патници на нашите гранични премини, особено што новината се поклопува со празничниот Велигденски викенд, кога се очекува поголем притисок на границите.
„Граничната полиција ќе постапува со засилена ангажираност на терен, континуирано ќе ја следи состојбата, ќе презема соодветни мерки за одржување на проточноста на сообраќајот и ќе ги информира граѓаните за сите важни информации поврзани со примената на системот,“ велат од МВР.

