Убедливата победа на Реал Мадрид од 3:0 против Манчестер Сити во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите привремено ги стиши гласините за нов тренер во „кралскиот клуб“, а со тоа и оние што го поврзуваа со Јирген Клоп. Во исто време, австрискиот весник Salzburger Nachrichten пред две недели пишуваше за наводен скорешен раздор меѓу фудбалскиот шеф и Ред Бул, но се чини дека вистината е поинаква, пишува Sport Bild.
Според информациите предвремено раскинување на договорот на Клоп со концернот, кој важи до 2029 година, досега воопшто не било тема на разговор. Напротив, двете страни неформално разговарале и за продолжување на соработката. Сепак, и во Лајпциг и во самиот систем на Ред Бул „јавна тајна“ е дека ниту една страна не е целосно задоволна со дефинирањето на улогата на Клоп.
Проблемот најмногу е поврзан со присуството на поранешниот тренер од светска класа, чија најголема сила е директната работа со луѓето. На пример, Клоп летоска лично го убедил талентираниот Јохан Бакајоко да дојде во Лајпциг, иако белгискиот фудбалер бил поблиску до трансфер во Леверкузен. Токму таа негова способност особено ја ценат и клупските менаџери, како Марсел Шефер од Лајпциг.
Сепак, фактот што Клоп ретко се појавува, не присуствува на важни натпревари и сè поретко ги посетува тренинг-центрите, додека во исто време исполнува бројни ПР-обврски – како оние на Олимписките игри – предизвикува изненадување во системот на Ред Бул.

