Фудбалерите на АП Брера по ремито без голови на домашен терен против Струга Трим Лум, денеска гостуваат во Тетово и ќе ги одмерат силите со Шкендија. Тоа секако е еден од најголемите предизвици во шампионатот, посебно што домаќинот сега е потполно фокусиран на домашната сцена и во налет по победата над Вардар во дербито.
Но, младиот тим на Мартин Алаѓозовски ќе даде сѐ од себе да одигра најдобро што може и на овој натпревар.
„Како и на секој натпревар, влегуваме да се надигруваме и да одиграме најдобро што можеме“, е пораката од струмичкиот тим.
Дека Шкендија е фаворит покажува и статистиката која вели тетовци имаат пет победи на последните пет натпревари против АП Брера, а последниот меч се одигра на 15 јануари оваа година, кога Шкендија славеше со 3-0.

