Атина ќе распореди систем за ракетна одбрана „Патриот“ и борбени авиони F-16 за да ѝ помогне на Бугарија да се справи со потенцијални ирански напади, соопшти денеска грчкото Министерство за одбрана, пренесува „Еуроактив“.
По барање од Софија, грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас му соопштил на својот бугарски колега Атанас Запријанов дека Грција ќе обезбеди „ресурси и персонал за заштита на Бугарија“.
Како што пренесува медиумот, една батерија од системот „Патриот“ ќе биде преместена на соодветна локација во северна Грција, со што ќе обезбеди aнтибалистичка покриеност за голем дел од територијата на Бугарија.
„Авиони F-16 ќе бидат стационирани во воздухопловна база во северна Грција, со единствена мисија да обезбеди дополнителна заштита за Бугарија“, соопшти министерството.
Властите во Бугарија, која е членка на НАТО, изјавија дека не се дел од американско-израелската војна против Техеран.
Напад со ракети или дронови изгледа малку веројатен поради големата оддалеченост од Иран. Сепак, присуството на американски борбени авиони во земјата како дел од заеднички вежби на НАТО предизвика загриженост кај јавноста поради иранските напади и закани кон други држави.
Грција веќе има распоредено системи „Патриот“ и борбени авиони F-16 и во Кипар.

