Овогодишниот избор за стрип на годината ја потврди популарноста на италијанските и други увозни стрипови, но и високото мислење на публиката од регионот за легендарните домашни автори.
Stripovi.com е највлијателниот портал за стрипови во регионот на бивша Југославија, основан во Загреб од 2001 година како комбинација на форум и онлајн енциклопедија. Оваа онлајн заедница од 2007 година организира избор за најдобар стрип на годината, по углед на други слични избори наречен „Оскар“.
Во изборот за најдобар стрип за 2025 година учествуваа вкупно 386 гласачи, регистрирани членови на stripovi.com. Тие во текот на февруари имаа можност да изберат по 10 изданија на кои може да им доделат поени, во две категории: „стрип свеска“, односно издание од помал формат, како и „стрип албум“, во формат А4 или поголеми димензии.

Првото место во категоријата на помал формат, за 2025 година во конкуренција на 431 издание го освои јапонскиот стрип, односно манга, „Монстер“ од Наоки Уросава, во издание на српскиот издавач „Дарквуд“.
Како и во 2024 година, на наредните три места се три италијански стрипови – Дилан Дог, Џудас и Марти Мистерија. Како и минатата година, на петтото место е 52-тиот број на хрватското списание за стрип „Квадрат“.
Првото место во категоријата стрип-албуми, во конкуренција на 319 изданија, го освои новиот репринт на авантурите на култната британска хероина Модести Блејз, во издание на хрватска „Фибра“. Изданието насловено насловен „На почетокот“, на 228 страници ги пренесува првите епизоди од серијалот, по сценарио на Питер О’Донел и цртеж на Џим Холдавеј.
Слично на минатата година, изданија на „Фибра“ доминираа, овојпат заземајќи четири од првите пет места. На второто место се пласираше нивната збирка на ликовни дела „Draw!“ од легендарниот хрватски стрип-цртач Игор Кордеј, третото го зазема „Слава“ на Пјер Анри Гомонт, а петтото „Ралф Ажам“ на Луис Трондхајм.
На четвртото место за стрип-албуми е интегралот „Лоун Слун“ од францускиот автор Филип Друлет, во издание на српскиот „Сталкер“.
Како и минатата година, стотиците изданија кои влегоа во конкуренција за овогодишниот избор се претежно лиценцирани преводи на италијански, француски, белгиски, американски, јапонски и британски стрипови објавени во Босна и Херцеговина, Словенија, Србија и Хрватска. Како и минатата година, во овогодинешната конкуренцијата немаше ниту едно македонско издание.

Според податоците за бројот на изданија пријавени во овој избор, може да се заклучи дека пазарот на стрипови во регионот e релативно стабилен, со благ пад на продукцијата во 2025 година. Од оваа евиденција се генерално самоисклучени македонското, црногорското и косовското издаваштво, кои имаат по неколку изданија годишно, кои тамошните издавачи и не се трудат да ги пријават во базата на stripovi.com.

