Иницијативата „Стоп за Усје“ најави дека во петок на 27 февруари ќе организира „Блокадафест“ пред влезот на Цементарницата „Титан Усје“. Настанот ќе започне во 15 часот и ќе трае до 23 часот, а ќе учествуваат повеќе изведувачи.
Настанот деновиве беше најавен и на една раскрсница во центарот на Скопје со герила акција каде DJ Александар за време на чекањето на црвеното светло на семафорите пушташе музика, а на банер се споделуваше пораката „Без Усје полесно се дише“.
Иницијативата веќе неколку месеци организира блокирање на сообраќајницата пред фабриката и протестни маршеви низ центарот на градот со барање за дислокација на Цементрарницата. Екологистите бараат и независни мерења на емисиите од оџаците на капацитетот, кои ќе треба да ја дадат вистинската слика за степенот на загадувањето на воздухот.

