
Во Офицерскиот дом во Битола вчера се одржа информативна и консултативна средба со граѓански организации од пелагонискиот и југозападниот регион, посветена на теми врзани со воспоставувањето на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО).
Средбата беше организирана во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од Salar International, а во фокус беа оперативноста и исполнувањето на обврските на регионалниот систем за управување со отпад.
На присутните им беше претставен концептот на РСУО и планираните активности со кои ќе се затворат постојните општински и диви депонии, изградба на претоварни станици и собирни центри.
На средбата беше нагласено дека станува збор за комплексен систем кој може да функционира само ако има поддршка и координација меѓу институциите, граѓаните и граѓанскиот сектор.
Градоначалникот на општина Новаци Стевче Стевановски, кажа дека управувањето со отпад е чувствително прашање и за институциите и за граѓаните и затоа ги повика граѓанските организации активно да се вклучат и да придонесат во процесот.
Претставници на граѓански организации оценија дека ваквиот пристап овозможува појасна слика за процесот и создава основа за градење доверба и заедничка работа. На средбата беше претставен и предлог-планот за вклучување на граѓанските организации во клучните процеси поврзани со РСУО и тоа во изработката на регионалниот и локалните акциски планови за управување со отпад, како и во комуникациските активности поврзани со системот.

