
„Протестираме за плата“, со ваков голем транспарент, со знамиња и стихови од песната „Буџав лебац“, како и со скандирање „Уа, лопови!“, илјадници граѓани денеска протестираа низ скопските улици. Протестот започна пред зградата на Сојузот на синдикати, по што илјадниците работници од сите градови на Македонија се упатија кон Собранието и Владата. Ниските температури не ги спречија граѓаните да излезат и да го искажат својот револт поради ниските плати.
Претседателот на Сојузот, Слободан Трендафилов кажа дека барањата за покачување на платата мора да бидат исполнети и дека ако Владата не ги исполни, тие ќе соберат 10.000 потписи и ќе станат овластени предлагачи на законите, со што каде ќе бараат 80 отсто намалување на функционерските плати, а минималната плата да се зголеми на 600 евра.
„Нема да дозволиме да си играте со работничката мака и пот, од чии даноци земате плата. Ако не ги зголемите работничките плати, ако не ја зголемите минималната плата доаѓаме по вашите плати. Од даноците на работонците вие си го имате обезбедено вашиот луксус. Не го заслужувате луксузот кој ви даден од работниците. Нема да ве молиме, ќе се бориме“, изјави Трендафилов.
Ако барањата на работниците не се исполнат, преседателот најави таргетирани блокади на одредени институции, а понатаму и можен генерален штрајк.
„И да ги обехрабрам властите, без разлика на нивните притисоци, за блокади, се потребни само 21 човек, а за две локации – 42, додека ние овде сме далеку побројни. Ќе ве блокираме, како што не блокирате вие, а ако и тоа не ве допре, ќе има генерален штрајк“, порача Трендафилов.
Трендафилов потенцираше, дека Владата ризикува и дека може да се случи штрајк за прв пат и во јавниот и во приватниот сектор.
Свој говор имаше и Иван Пешевски од синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање кој порача дека се спремни секој ден да протестираат, додека не се исполнат нивните барања за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на сите плати за 6.000 денари.
„Велат, не сме биле продуктивни. А тие се многу продуктивни со „мерцедеси“, „поршиња“ и вили во Грција. Доста е, време е да се разбудиме“, порача Пешевски.
Пред Владата, исто така се обрати и Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), кој рече дека на протестот не е организиран од политички цели туку, од маката на работниците.
„Нас овде денес не нè собра политиката туку маката, неправдата, сиромаштијата, не собраа платите што не ни стасуваат до 10-ти во месецот, високите цени во маркетите, празните фрижидери. Не нè собра политиката, туку желбата да останеме во оваа државва. Дојдовме да ви кажеме дека тоа се наши пари“, рече Деаноски.
На денешниот протест беше истакнато и дека Владата одбива две години да ги покачи платите, а за тоа време, сите работници во и онака најсиромашната држава во Европа се уште посиромашни за 9.000 денари.
Синдикатите порачуваат дека сегашниот износ на минималната плата не ги покрива основните трошоци за живот и е далеку под вредноста на потрошувачката кошница, посочувајќи и на значителната разлика меѓу примањата на вработените и функционерите, која ја оценуваат како сериозен социјален дисбаланс.
Од Владата велат дека усогласувањето на минималецот ќе следува во март, додека премиерот Христијан Мицкоски протестите ги поврза и со политички мотиви.
Од ССМ, пак, најавуваат продолжување на притисокот доколку нема одговор на нивните барања, вклучително и преку граѓанска поддршка за законски измени.

