
Најпознатата италијанска инфлуенсерка, Киара Ферањи, е ослободена од обвиненија за тешка измама во случај вреден околу два милиони евра, поврзан со продажба на божиќни колачи, велигденски чоколадни јајца и донации за деца заболени од рак, објави Си-Ен-Ен.
Судија во Милано во средата одлучи дека обвиненијата за тешка измама против Ферањи не се прифатливи за судска постапка. Обвинителството бараше затворска казна од 20 месеци за 38-годишната инфлуенсерка, поради наводи дека преку маркетинг-кампања лажно претставила дека дел од приходите од продажбата на специјално брендиран „пандоро“ колач ќе бидат донирани за детска онколошка болница.
Ферањи пред судот изјави дека направила „грешка во комуникацијата“, но не и дека имало намера за лично профитирање.
Случајот се однесува на соработката меѓу Ферањи и италијанската компанија „Балоко“, која во 2022 и 2023 година пласираше ограничено издание божиќни колачи и велигденски чоколадни јајца. Во јавноста беше сугерирано дека средствата од продажбата ќе одат за детската болница „Реџина Маргерита“ во Торино, што значително ја зголеми продажбата.
Истражувачки новинар објави дека „Балоко“ пред кампањата донирала 50.000 евра на болницата, додека Ферањи добила хонорар од околу еден милион евра за промоцијата. Подоцна се појавија информации дека приходите од продажбата оделе директно кај инфлуенсерката, а не кај болницата.
Случајот познат како „Пандорогeјт“, доведе и до законски иницијативи во Италија за построги регулации за инфлуенсерите, поттикнати од премиерката Џорџа Мелони.
И покрај тоа што Ферањи и нејзините компании платија 3,4 милиони евра на болницата и го вратија спонзорскиот надомест, обвинителството во 2025 година покрена кривична постапка. Со најновата судска одлука, случајот е затворен, а Ферањи е ослободена од кривична одговорност.

