
Вчера во Гренланд почнаа да пристигнуваат војници од неколку европски земји, вклучително и од Германија и Франција, за она што тие го нарекуваат извидничка мисија, пренесува Дојче Веле.
Преместувањата на трупите се случуваат во време на несогласувања и раздор помеѓу САД и нивните европски сојузници во НАТО околу иднината на важниот арктички остров.
Гренланд, кој има околу 57 илјади жители, е полуавтономна територија во рамките на Данска, која ја задржува одговорноста за одбраната и за надворешната политика.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати ја изрази желбата да го преземе Гренланд, повторно тврдејќи дека тоа е клучно за националната безбедност на САД поради растечките интереси на Русија и Кина во регионот.
Последната мисија има за цел да испрати сигнал за европско единство и да ја искаже пораката до САД.
Данскиот министер за одбрана Тролс Лунд Поулсен изјави дека намерата е „да се воспостави постојано воено присуство со поголем дански придонес“, пренесува данскиот јавен радиодифузер DR.
Тој рече дека војници од повеќе земји на НАТО ќе бидат во Гренланд на ротациски принцип.
САД исто така имаат воена база во Гренланд. Но портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, смета дека важноста на мисијата нема да влијае врз одлучувањето на Трамп за преземањето на Гренланд.
„Претседателот многу јасно ја постави својата приоритетна цел, тој сака Соединетите Држави да го стекнат Гренланд. Смета дека тоа е во наш најдобар интерес за националната безбедност“, рече таа.
САД, Данска и Гренланд во средата одржаа разговори за да го решат конфликтот околу американските барања за сопственост, но без успех.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен рече дека средбата со државниот секретар на САД, Марко Рубио и потпретседателот Џеј Ди Венс откри „суштински“ разлики во ставовите. Сепак, тие се согласија да ја продолжат комуникацијата.
Белата куќа ги опиша идните разговори како „технички разговори за договорот за преземање“ што би овозможил САД да го купат Гренланд.
Расмусен ја одби оваа изјава, велејќи дека би станувало збор за работна група која ќе разговара за начини да ги надминат разликите меѓу земјите. Тој исто така категорично отфрли какво било преземање на Гренланд од страна на САД.
„Тоа е исклучено. Не е она што го сакаме ниту во Данска, ниту во Гренланд и оди против сите меѓународни правила. Тоа ја нарушува сувереноста“, им рече Расмусен на јавниот радиодифузер DR.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека иако ситуацијата е напната, малку помалку е загрижен дека најекстремниот исход ќе се оствари, рече тој за германската јавна телевизија ARD во четвртокот.
„Она со што се соочуваме овде е повеќе игра на моќ“, рече Писториус, додавајќи дека за прашањето со Гренланд ќе има збор и американскиот Конгрес, а не само Трамп.
Министерот за одбрана додаде дека главниот аргумент на американскиот претседател губи дел од својата тежина „кога ние велиме дека можеме да ја обезбедиме територијата, дека вашите безбедносни грижи не само што ги делиме, туку работиме заедно да ги решиме“.
Тој исто така ја нарече распоредувањето европски војници во Гренланд „случајност“, бидејќи операцијата била планирана подолго време.

