Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.

