
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира до политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), по повод нивната јавна објава на социјалните мрежи со наслов „Фрљо – последната линија на одбрана на ВМРО!“, во која, како што наведуваат од ЗНМ, на навредлив, омаловажувачки и деградирачки начин е таргетиран новинарот Бранко Героски.
Од ЗНМ изразуваат сериозна загриженост дека ваквиот тип на комуникација од страна на политички партии е неприфатлив во едно демократско општество, бидејќи ја поткопува довербата во медиумите и создава атмосфера на стигматизација и притисок врз новинарската професија.
„Посебно проблематично е тоа што ваквите објави доаѓаат од партии со значајно влијание во јавниот простор, што може да поттикне онлајн напади, говор на омраза и да создаде небезбедна средина за новинарите. Eвентуалните забелешки за работата на новинарите треба да се искажуваат преку постојните механизми за саморегулација, како што се Советот за етика во медиумите и Советот на честа при ЗНМ, а не преку јавни дискредитации и навреди“, стои во реакцијата од ЗНМ.
Оттаму апелираат политичките партии своите битки и политички препукувања да си ги водат меѓусебно, а не на грбот на новинарите.
„Бараме одговорност во јавната комуникација, воздржување од навреди и омаловажување и почитување на интегритетот на новинарите и медиумските работници, како предуслов за слободен, плуралистички и демократски јавен простор“, порачуваат од ЗНМ.
Со слична реакција излезе и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), која изрази загриженост поради навредливиот, омаловажувачки и деградирачки говор во соопштенијата на СДСМ, насочен кон новинарот Героски.
„Користењето лични навреди, дисквалификации и етикетирања на новинари претставува форма на притисок која има обесхрабрувачки ефект врз слободното новинарство. Ваквиот начин на комуникација придонесува за продлабочување на поларизацијата во општеството, со што се поткопува демократијата и се врши индиректен притисок врз уредувачката независност на медиумите. Агенцијата во повеќе наврати апелира до сите политички субјекти да покажат повисоко ниво на одговорност во јавниот дискурс, да се воздржат од навредлив и деградирачки говор кон медиумските работници и да ја почитуваат улогата на медиумите како еден од клучните столбови на демократијата“, се вели во реакцијата на АВМУ.

