
Европските лидери ќе учествуваат на заеднички повик со украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во сабота, како дел од засилените напори за постигнување мировен договор, пред Зеленски во недела да отпатува за Флорида, објави британски Гардијан.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе се приклучи на повикот во сабота, изјави портпарол на Комисијата за Ројтерс, во пресрет на патувањето на украинскиот претседател во Флорида, каде што во недела ќе се сретне со Трамп. Зеленски изјави дека средбата ќе се фокусира на некои од најчувствителните точки од мировните разговори. Клучните спорни прашања вклучуваат безбедносни гаранции за Украина и реконструкција на земјата, како и територијални дискусии за регионот Донбас и нуклеарната централа Запорожје.
Неделната средба е „специфично наменета да ги доработиме деталите колку што е можно повеќе“, изјави Зеленски во петокот. Тој додаде дека предложениот мировен план со 20 точки е „90% подготвен“.
„Нашата цел е сè да доведеме до 100%. Заклучно со денес, украинскиот и американскиот преговарачки тим постигнаа значителен напредок, рече Зеленски.“
Зеленски е подготвен да распише референдум за мировниот план доколку Русија се согласи на примирје од најмалку 60 дена, објави Аксиос, повикувајќи се на интервју со украинскиот претседател дадено во петокот. Зеленски, наводно, изјавил дека ќе мора да побара одобрување од украинската јавност доколку не успее да обезбеди „силна“ позиција во однос на територијалните прашања.
Паралелно со политичките случувања, силни експлозии се слушнаа во Киев во раните утрински часови во саботата, неколку часа по изјавите на Зеленски за претстојната средба во САД. „Киев Индепендент“ објави дека главниот град бил цел на напади со хиперсонични ракети „Кинжал“, балистички ракети „Искандер“ и крстосувачки ракети „Калибр“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека најмалку пет лица се повредени, а пријавен е и пожар во градскиот округ Холосијивски. Во поширокиот регион биле регистрирани прекини во снабдувањето со електрична енергија во и околу градот Бровари.
Украинските воздухопловни сили, исто така, прогласија воздушна тревога на територијата на целата земја, соопштувајќи на социјалните мрежи дека дронови и ракети се движат над неколку украински региони, вклучително и главниот град.
Руските напади ги принудија полските борбени авиони да полетаат, а два аеродроми во југоисточна Полска, Жешов и Лублин, беа привремено затворени.
Најновите мировни напори следуваат по засилената дипломатска активност минатиот викенд во Мајами, каде што пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, одделно се сретна со руски и украински претставници, како и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Актуелниот план се смета за ажурирана верзија на претходен документ со 28 точки, договорен пред неколку недели меѓу американските пратеници и руските официјални претставници кој беше широко оценет како наклонет кон барањата на Кремљ.
Украина инсистира на безбедносни гаранции според моделот на Членот 5 од НАТО, кој предвидува заедничка одбрана во рамки на секој можен мировен договор со Русија, иако останува нејасно дали Москва би ги прифатила таквите услови.
Во интервју за „Политико“ во петокот, Трамп изјави дека очекува „добра“ средба со украинскиот претседател, но не даде поддршка за планот на Зеленски.
„Тој нема ништо додека јас не го одобрам. Па ќе видиме што има“, изјави Трамп за медиумот.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во телевизиско гостување во Русија во петокот, ги критикуваше Зеленски и европските сојузници за нивната улога во мировниот план.
„Нашата способност да го направиме конечниот исчекор и да постигнеме договор ќе зависи од нашата сопствена работа и од политичката волја на другата страна. Особено во контекст во кој Киев и неговите спонзори, пред сè во Европската Унија, кои не се наклонети кон договор, ги засилија напорите да го саботираат“, изјави Рјабков.
Тој додаде дека предлогот изработен со учество на Зеленски „радикално се разликува“ од точките првично подготвени од американските и руските претставници во контактите овој месец.
„Без соодветно решавање на проблемите што се во коренот на оваа криза, ќе биде едноставно невозможно да се постигне конечен договор“, додаде Рјабков.
Извор: Гардијан

