Години потоа, судските одлуки покажале дека се работи за незаконски откази и за незаконски решенија за одземање на безбедносните сертификати.
Чулев денеска објави дека по повеќегодишна битка добил пресуда во негова корист со што се докажало дека станува збор за политички прогон, а не за вистински причини за решенијата на Муслиу. Три суда, Управниот, Граѓанскиот и Врховниот суд ги поништиле решенијата на надлежните органи, вклучително и на Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации (ДБКИ), која сѐ уште ја води директорот Стојан Славески.
Оштетените веќе најавија поднесување на кривични пријави против одговорните службени лица поради сомневање за злоупотреба на службената положба во АР и ДБКИ, а потоа ќе бараат и надомест за претрпена штета.
Чулев вели дека од власта на СДСМ бил прогласен за безбедносен ризик на државата. „Тоа беа години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз моето семејство и моите деца. Човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш беше прогласен за ‘безбедносен ризик’ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборував за корупцијата и аномалиите во системот. По долгите судски процеси, судовите утврдија дека одземањето на безбедносниот сертификат и моето отпуштање биле незаконски, дека целата конструкција била неправична и политички мотивирана, а против сторителите е поднесена кривична пријава за злоупотреба на институциите, за која очекувам институциите да постапат, а сторителите да одговараат“, напиша Чулев.
Овие пресуди за незаконски откази, за незаконско одземање на сертификатите и незаконски прекин на важноста на сертификатите државата допрва ќе треба да ги преточи во милионски обештетувања. Прашањето е дали ќе одговараат одговорните лица на АР и на ДБКИ за ваквото нивно самоволие, тогашните директори Еролд Муслиу и Стојан Славески.
A.Д.

