
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Гебрејесус, денес објави дека се очекува повеќе од 100.000 деца и 37.000 бремени и доилки во Појасот Газа да страдаат од акутна неухранетост до април следната година.
Неговата изјава дојде откако агенциите на Обединетите нации објавија извештај за Интегрираната класификација на фазите на безбедност на храната, во кој предупредија дека најмалку 1,6 милиони луѓе во Газа се соочуваат со високо ниво на акутна несигурност на храната до средината на април 2026 година.
Тој предупреди дека, во најлоши сценарија, вклучително и обновен конфликт и прекин на хуманитарната помош, целиот Појас Газа би можел да се соочи со ризик од глад до април следната година.
Во објава на социјалната мрежа X, Гебрејесус истакна дека постигнатиот напредок во борбата против гладот останува исклучително кревок, бидејќи населението продолжува да се бори со масовното уништување на инфраструктурата, колапсот на средствата за живот и локалното производство на храна, како и со ограничувањата на хуманитарните операции.
Во исто време, само 50 проценти од здравствените установи во Газа се делумно функционални и се соочуваат со недостиг на основни материјали и опрема, кои често се предмет на сложени процедури и ограничувања за влез, рече тој.
Со цел да се забрза спасувањето животи и да се прошири пристапот до здравствена заштита, СЗО бара итно одобрување за влез на основни медицински материјали и опрема за болничките установи, рече Гебрехезус.

