
Австралискиот премиер Ентони Албанезе вели дека неговата влада ќе се справи со говорот на омраза по смртоносниот напад во неделата на плажата Бонди, кој беше насочен кон еврејски фестивал. Петнаесет лица беа убиени кога двајца вооружени лица отворија оган на настан по повод првиот ден од Ханука.
„Новите закони ќе бидат насочени кон оние кои шират омраза, поделби и радикализација“, изјави Албанезе за новинарите во Канбера.
Министерот за внатрешни работи, исто така, ќе добие нови овластувања да откажува или одбива визи за оние кои шират омраза и ќе биде формирана нова работна група за да се обезбеди образовниот систем да го спречува, справува и правилно да реагира на антисемитизмот.
Новите закони ќе вклучуваат и казни за проповедници и лидери кои промовираат насилство, нов федерален прекршок- тежок говор на омраза и воведување на омраза како отежнувачки фактор при казнување на злосторства за онлајн закани и вознемирување.
„Секој еврејски Австралијанец има право да се чувствува безбеден, ценет и почитуван за придонесот што го дава за нашата голема нација“, рече Албанезе.
„Терористите, инспирирани од ИСИС… се обидоа да ги свртат Австралијанците едни против други. Австралијанците одговорија на тој чин на омраза со љубов и сочувство за оние што се во жалост.“
Албанезе додаде дека неговата влада целосно ќе ги поддржи и усвои препораките изнесени во јули во извештајот на претставникот за антисемитизам Џилијан Сегал, која исто така зборуваше на прес-конференцијата.
Таа рече дека земјата е во многу важен момент не само за нашата заедница, туку и за борбата против антисемитизмот низ целиот свет.
Нејзиниот извештај беше критикуван од некои по објавувањето во јули поради неговите импликации врз слободата на говорот, вклучувајќи ги и плановите за следење на универзитетите и уметничките организации и задржување на финансирањето доколку се смета дека не успеале да дејствуваат против антисемитизмот. На пример, имаше загриженост дека финансирањето може да се искористи за замолчување на пропалестинските протести.
Министерот за внатрешни работи Тони Бурк рече дека владата го поместува прагот.
„Имало поединци кои успеале да експлоатираат нација која имала различни принципи на слобода на говор и отишле до границите на јазикот што е очигледно дехуманизирачки, неприфатлив, нема место во Австралија, но не го преминале сосема прагот на насилство“, рече тој.
Во меѓувреме, Албанезе ги призна обвинувањата од еврејската заедница дека неговата влада не направила доволно за да го спречи антисемитизмот од нападот на 7 октомври врз Израел од страна на Хамас и рече дека можело да се направи повеќе.
„Ја прифаќам мојата одговорност за тоа како премиер на Австралија“, рече тој. „Но, она што го правам е да ја прифатам мојата одговорност да ја водам нацијата и да ја обединам. Бидејќи она што луѓето го бараат во овој момент не е поголема поделба.“

