
Тајланд започна воздушни напади долж спорната граница со Камбоџа откако двете земји меѓусебно се обвинија за прекршување на договорот за примирје постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, објави британски Гардијан.
Тајландската армија соопшти дека нападите биле изведени откако еден нивни војник бил убиен, а четворица повредени во судири долж границата меѓу двете земји во понеделникот наутро. Тајландските воздухопловни сили рекоа дека користат авијација за да погодат воени цели на повеќе локации, обвинувајќи ја Камбоџа дека мобилизира тешко вооружување и преместува борбени единици.
Министерството за национална одбрана на Камбоџа го обвини Тајланд за последната ескалација, тврдејќи дека тајландските сили во понеделникот наутро извршиле напад, додавајќи дека Камбоџа не возвратила и покрај „провокативните дејства во изминатите неколку дена“.
Судирите се случуваат само шест недели откако Трамп го надгледуваше потпишувањето на договорот за примирје што го посредуваше за да се стави крај на петдневната војна која избувна во јули годинава. Во конфликтот загинаа најмалку 48 лица, а 300.000 беа принудени да ги напуштат своите домови.
Поранешниот премиер на Камбоџа, Хун Сен, кој и понатаму има огромно влијание и е татко на актуелниот премиер Хун Манет, ги повика силите на Камбоџа на воздржаност, предупредувајќи дека Тајланд се обидува „да нè вовлече во одмазда“.
„Црвената линија за одговор веќе е поставена. Ги повикувам командантите на сите нивоа да ги информираат и подучат сите офицери и војници“, напиша Хун Сен на Фејсбук.
Во неделата, армијата на Тајланд започна евакуација на неколку села во четири погранични провинции, при што околу 35.000 луѓе се регистрирани во прифатни центри. Портпаролот на армијата Винтаи Сувари рече:
„Војниците на Тајланд беа нападнати при што еден беше убиен, а четворица ранети“.
Сувари исто така соопшти дека Тајланд започнал да „користи авиони за напади врз воени цели на повеќе локации“ со цел да ги сузбие нападите на силите на Камбоџа.
Премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, кој помогна во посредувањето на првичното примирје, ги повика Тајланд и Камбоџа да покажат воздржаност, предупредувајќи дека борбите можат да го поништат внимателно постигнатиот напредок.
„Ги повикуваме двете страни да покажат максимална воздржаност, да ги одржуваат отворените канали на комуникација и целосно да ги искористат постојните механизми“, изјави Анвар, претседавач со регионалниот блок АСЕАН.
Извор: Гардијан

