
Добивме информација од Агенцијата за храна и ветеринарство, дека се сомневаат на одредено труење со храна кај децата во „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош, а по дојавата пративме техничари и епидемиолог кој излезе на терен. Земени брисеви од раце, нос и грло на вработени во училишната кујна, од работните површини, а земени се и мостри од храна и вода, информира денеска Марија Андоновска, директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Постојано сум во комуникација со луѓето од нашиот тим во Институтот. Екипата сè уште не е вратена за да можам да добијам поконкретни информации, во очекување сме да пристигнат. Веднаш е постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата“, рече Андоновска.
Таа појасни дека се работи за анализи кои треба да потраат и дека не може брзо да се даде одговор за што станува збор. Андоновска кажа дека добиле девет пријави за стомачни тегоби кај деца, а освен кај ученици, досега не се пријавени симптоми од вработените во училиштето.
Најмалку четириесет деца од одделенска настава во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затруле најверојатно од храна која ја консумирале во текот на вчерашниот ден на училиште, потврдија во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во моментов, екипи од Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центар за јавно здравје (ЦЈЗ), како и од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) земаат мостри од работните површини и од храната. Според директорката на училиштето Лејла Николоска, станува збор за 40 деца. Tие аз појадок вчера имале корнфлекс со млеко и за ручек мусака.
„Нетпрес“ објави дека помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски е еден од тешко затруените ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае во општината Карпош. Според нивни извори, тој бил хоспитализиран и два дена бил во болница со симптоми на труење и зголемена телесна температура, а сега состојбата му е подобрена.

