
Во напад со руски беспилотни летала врз големиот украински град Харков загинаа четири лица, а 17 беа ранети, изјави градоначалникот Игор Терехов.
„Во овој момент, познато е дека 17 лица се ранети. Четири лица загинаа“, рече Терехов, известувајќи за вечерниот напад во порака на Телеграм. Нападот се случил додека американски, украински и европски претставници беа во Женева за да разговараат за предлогот за прекин на речиси четиригодишната војна во Украина.
Олег Синегубов, началник на регионалната воена администрација на Харков, го опиша нападот како масивен. Службите за итни случаи соопштија дека нападот со беспилотни летала врз два округа на Харков предизвикал пожари и уништување на згради.
„Три станбени згради и еден инфраструктурен објект биле во пламен“, се вели во соопштението.
Во меѓувреме, американски и украински претставници изјавија дека е постигнат напредок кон прекинување на војната меѓу Русија и Украина, на американскиот предлог за постигнување мир. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека разговорите во Женева биле многу корисни и претставувале најпродуктивен ден по многу долго време.
„Се чувствувам многу оптимист дека можеме да постигнеме нешто,“ рече Рубио.
Пд друга страна, европските држави поднесоа изменета верзија на мировниот план на САД за Украина, која ги потиснува предложените ограничувања за вооружените сили на Киев и територијалните отстапки. Документот, предлага војската на Украина да биде ограничена на 800.000 во мирно време, наместо генералниот лимит од 600.000 предложен со американскиот план.

