
Фрлањето отпад во контејнерите од денеска ќе биде забрането во периодот од 22 часот до 6 часот. Советот на Скопје на последната седница одлучи да ја измени Одлуката за комунален ред за да му помогне на јавното претпријатие Комунална хигиена да го одржува градот чист. Непочитувањето на одлуката ќе се казнува со 50 евра за граѓаните, како и над 1.300 евра казни за фирмите.
Од Градот Скопје информираа дека инспекциите постојано ќе бидат на терен за да се почитува одлуката, но во првите неколку месеци нема да казнуваат, туку ќе издаваа само опомени. Градските власти објаснуваат дека во сите поголеми градови времето за фрлање на смет е определено, а во Скопје според динамиката на работа на Комунална хигиена, доколку по 22 часот се наполнат садовите, отпадот во нив ќе стои во нив цела вечер и целиот нареден ден.
„Комунална хигиена не може да работи и да празни контејнери кога има голема гужва во градот, заради тоа определен е временски термин за собирање на сметот“, велат од Градот.

