
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика републиканците во Претставничкиот дом да гласаат за објавување на досиејата на Епштајн, што е пресврт од неговиот претходен став.
„Републиканците во Претставничкиот дом треба да гласаат за објавување на досиејата на Епштајн, бидејќи немаме што да криеме“, напиша Трамп на Truth Social во неделата вечерта.
Големото поместување во ставот на Трамп доаѓа откако потенцијално десетици републиканци сигнализираа дека се подготвени да гласаат за објавување на документите.
Се очекува Претставничкиот дом оваа недела да гласа за закон што ќе го принуди Министерството за правда јавно да ги објави досиејата. Поддржувачите на законот се чини дека имаат доволно гласови за да помине во Претставничкиот дом, иако не е јасно дали ќе помине и во Сенатот.
Трамп, исто така, ќе мора да го потпише објавувањето на документите ако помине во двата дома.
И демократите и некои републиканци го поддржуваат законодавството. Републиканскиот претставник Томас Маси, во интервју за Еј-Би-Си Њуз во неделата изјави дека дури 100 републиканци би можеле да гласаат за.
Познат како Закон за транспарентност на досиејата Епштајн, целта на законот е да го принуди Министерството за правда да ги објави сите некласифицирани записи, документи, комуникации и истражни материјали поврзани со педофилскиот финансиер Џефри Епштајн.
Трамп ја објави изјавата кратко по слетувањето во заедничката база Ендрус по викендот во Флорида.
„Министерството за правда веќе предаде десетици илјади страници на јавноста за Епштајн, ги разгледува различните оперативци на демократите Бил Клинтон, Рид Хофман, Лари Самерс итн. и нивниот однос со Епштајн, а Комитетот за надзор на Претставничкиот дом може да има се што е нивно законско право, не ме интересира!“, напиша Трамп.
Референцата на Трамп за Клинтон доаѓа откако Министерството за правда на САД потврди дека ќе ги истражи наводните врски на Епштајн со големи банки и неколку истакнати демократи, вклучувајќи го и поранешниот претседател на САД.
Имињата на Хофман, кој е основач на LinkedIn и истакнат донатор на демократите, и Самерс, секретар за финансии на поранешниот претседател Бил Клинтон, се појавија во соопштението.
Претставник на Самерс изјави за „Волстрит џурнал“ во 2023 година дека поранешниот функционер длабоко жали што бил во контакт со Епштајн по неговата пресуда.
На социјалните медиуми во петокот вечерта, Хофман рече: „Никогаш не сум бил клиент на Епштајн и никогаш немав никаква врска со него освен собирање средства за МИТ -Технолошкиот институт во Масачусетс“. Тој го повика Трамп да ги објави досиејата.
Трамп рече дека ќе побара од државниот обвинител Пам Бонди и ФБИ да ја испитаат вклученоста и врската на Епштајн со Клинтон и другите.
Клинтон силно негираше дека имал какво било знаење за злосторствата на Епштајн.
Пресвртот на Трамп доаѓа откако демократите во Комитетот за надзор на Претставничкиот дом минатата недела објавија три размени на е-пошта, вклучително и преписка помеѓу Епштајн, кој почина во 2019 година во затвор, и неговата долгогодишна соработничка Гислен Максвел, која моментално отслужува 20-годишна затворска казна за трговија со луѓе.
Некои од тие размени се повикуваат на Трамп. Во еден е-мејл, испратен во 2011 година, Епштајн му пишува на Максвел: „Сакам да сфатиш дека тоа куче што не лае е Трамп… [ЖРТВАТА] помина часови во мојата куќа со него.“
Часови по објавувањето на тие размени, републиканците во Претставничкиот дом објавија многу поголема транша од 20.000 досиеја за да се спротивстават на она што го нарекоа обид на демократите да изберат документи. Тие исто така рекоа дека тоа е обид да се создаде лажен наратив за клевета на претседателот Трамп.
Претставничкиот дом потоа објави дека следната недела ќе има гласање за многу пошироко објавување на материјалите од Епштајн.
Во своите коментари во неделата навечер, Трамп ги повтори отфрлањата на досиејата на Епштајн од страна на Белата куќа како измама предводена од демократите. Неговата објава дојде откако претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, во коментарите за Фокс њуз, сугерираше дека гласањето за објавување на документите ќе ги стави крај на обвинувањата дека Трамп имал каква било врска со злоупотребата и трговијата со тинејџери од страна на Епштајн.

