Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека ги чекаат официјалните извештаи за локалните избори од Државната изборна комисија, по што Владата има рок од 15 дена да именува повереници и да ги информира ДИК и Собранието.
„Потоа Собранието треба да закаже нови избори во рок од 60 дена. На повторените избори ќе нема цензус. Следната недела очекувам да седнеме со коалициските партнери во Владата и да ги предложиме имињата на владините повереници во тие општини“, рече Мицкоски.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше во првиот круг од локалните избори не беше исполнет законскиот услов од 33,33 отсто излезност на гласачите.

