Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, изјави дека проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан би претставувало „реобединување на Европа“, алудирајќи на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од нејзиниот последен говор за состојбата на Унијата.
„Мислам дека иднината на мојата земја е во Европската Унија. И покрај сите понижувања и разочарувања, кои се дел од моменталната фрустрација на нашите граѓани, ние ги споделуваме истите вредности“, изјави Мицкоски. Македонија, иако е кандидат уште од пред 20 години, сè уште го нема отворено првото поглавје од преговорите.
Според Еуроњуз, Бугарија инсистира Северна Македонија да ја признае „заедничката историја“ и бугарските корени на македонскиот јазик, како и да го измени Уставот со цел експлицитно да го спомене бугарското малцинство. За многумина Македонци, овие барања претставуваат напад врз националниот идентитет.
Во продолжение, премиерот предупреди: „Ако некој се осмели да малтретира некој друг што сака да влезе во клубот, зошто останатите да молчат? Ако еднаш го прифатиме овој принцип, тој ќе ги уништи сите вредности изградени од Шуман, Де Гаспери и Аденауер“.
Од Црна Гора, заменик-премиерот задолжен за надворешни работи, Филип Ивановиќ, порача дека „проширувањето е најдобрата политика што ЕУ некогаш ја имала“. Според него, токму таа ќе ја претвори Унијата во геополитички играч, а Црна Гора сака да има своја улога во тоа. Тој додаде дека нејзино вклучување би потврдило дека Унијата има кредибилитет и би пратило позитивен сигнал до сите други кандидатки. „Ако не нè примите, тоа ќе биде ужасен сигнал дека што и да правите, е залудно“, рече Ивановиќ.
Комесарката за проширување Марта Кос, пак, истакна дека „Комисијата и Унијата ја сменија својата позиција кон проширувањето. Не беше приоритет во изминатите години, но сега добиваме поддршка и од Европскиот парламент и од мнозинството граѓани на ЕУ“. Според неа, реална е можноста за приклучување на нови членки во следните неколку години. „Ако ги внесеме сите десет земји, тоа ќе значи обединета Европа – за првпат во историјата“, изјави таа.
