Легендарната актерка Изабела Роселини (73) за првпат јавно проговори за својот турбулентен брак со режисерот Мартин Скорсезе (82) и за неговите напади на бес, во новиот документарен филм на „Епл“ – „ Господин Скорсезе“.
Роселини и оскаровецот Скорсезе беа во брак од 1979 до 1982 година, во периодот кога се снимаа неговите култни филмови „Разјарениот бик“ (1980) и „Кралот на комедијата“ (1982).
Ќерката на славните Ингрид Бергман и Роберто Роселини се потсети на режисеровите бурни испади на гнев кои, како што нагласува, никогаш не биле насочени физички кон неа, но создавале многу напната атмосфера.
„Знаеше страшно да се налути“, раскажала Роселини во третата епизода од серијата. „Не кон мене, но можеше да демолира цела соба. Еден негов пријател еднаш го снимил и му ја покажал снимката. Марти беше шокиран – не бил свесен колкаво ниво на насилство можело да излезе од тоа ситно, астматично тело. Беше како вулкан. Беше застрашувачки.“
Таа додава дека често не се ни сеќава на причините за таквите испади.
„Понекогаш тоа беше нешто ситно, безначајно. Ќе се разбудеше и ќе почнеше да вика: ‘Кога ќе го сретнам, ќе му кажам…’, а јас му велев: ‘Марти, денот уште не почнал’. Со време сфатив дека тој бес делумно беше негов погон, нешто што му даваше храброст. Тој беше мало момче од уличките на Италија кое одеднаш требаше да води големи продукции. Мислам дека таа енергија, иако деструктивна, му помагаше да издржи и да ги заврши филмовите. Беше комплексно да се живее со него“, рекла актерката.
Во документарецот и самиот Скорсезе се осврнува на тој период, признавајќи дека тогаш се борел со тешка депресија.
„Имав сериозни лични проблеми. До таа мера што не можев да го монтирам ‘Кралот на комедијата’, филмот ми излезе од контрола“, изјавил режисерот.

