Општината Центар е една од 33 општини, каде што градоначалникот ќе биде избран во вториот круг на локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември. Кандидатите на Коалицијата предводена од СДСМ, Горан Герасимовски и на ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ во првиот круг освоија најголем број на гласови и меѓу нив ќе се бие битката во вториот круг. Кандидатката на граѓанската иницијатива Независни заедно, Билјана Ивановска беше трета според гласовите на центарци, а Марија Среброва од Левица освои најмалку гласови.
Центар и на овие избори останува едно од последните упоришта на опозициската СДСМ. Според резултатите од Државната изборна комисија, Горан Герасимовски во првиот круг освои над 8.500 гласови. Но, симптоматично е што повеќе од 28 отсто (над 2.400 луѓе) од овие 8.500 гласачи на Герасимовски, не гласале за советничката листа на СДСМ.
Споредбата на гласовите на кандидатот на ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, се уште поинтересни. Во неговиот случај, тој за градоначалник добил 5.707 гласови, но за советничката листа завршиле само 1,884 гласови што е 67 отсто помалку. Неговата партија, ЗНАМ, ќе има само два советници без разлика дали тој ќе победи или изгуби во вториот круг.
Од друга страна, пак, за советничката листа на коалициониот партнер на ЗНАМ и Лабудовиќ, ВМРО-ДПМНЕ гласале 6.003 луѓе и тие во идниот совет на Центар ќе имаат седум советници.
Голема е разликата и меѓу гласовите на кандидатка на Независни заедно, Билјана Ивановска, која доби 4,465 гласови и советничката листа на Независни заедно, предводена од Јане Димески, за која гласале само 1.812 гласачи. Советничката листа на Димески добила речиси 60 отсто помалку гласови од Ивановска. Така, во Советот на Центар во овој мандат ќе има двајца независни советници, за разлика од претходниот кога беа тројца.
Кај партијата Левица, ситуацијата е обратна. Нивната советничка листа доби 30 отсто повеќе гласови од нивната кандидатка за градоначалник, Марија Среброва. За советничката листа Левица гласале 3.034 граѓани, а за кандидатката 2.121. на Партијата Левица освои три советнички места со 3.034 гласови, а за нивната кандидатка за градоначалничка Марија Среброва гласале 2,121 гласач.
Последниот 23-ти советник во Центар е на Коалицијата за зелена иднина (ДОМ), кои немаа кандидат за градоначалник, исто како и ВМРО-ДПМНЕ.
Новиот состав на Советот на Центар е пошарен и има претставници од пет политички и една граѓанска опција, за разлика од претходниот кој е во заминување, каде имаше претставници на три политички и една граѓанска опција. Во Советот избран на локалните избори во 2021 година двете најголеми партии имаа по еден советник повеќе отколку сега, СДСМ имаше 9, а ВМРО-ДПМНЕ 8 советници. Левица и тогаш имаше три, исто колку и независните кандидати.
На минатите избори за советничката листа на коалицијата на СДСМ гласале 6,888 гласачи, или околу 800 повеќе отколку на годинешните избори. Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, годинава добила поголема поддршка. За нивната листа во 2021 година гласале 5,754 гласачи, што е околу 250 помалку отколку на овие избори. И Левица има повеќе гласачи во Центар годинава. На минатите локални избори за нивната листа гласале 2,599 гласачи. Независните кандидати тогаш добиле 2,506 за својата листа, или околу 700 повеќе отколку сега. Во првиот круг на изборите во 2021 година актуелниот градоначалник и кандидат на овие избори Горан Герасимовски добил поддршка од 8,613 гласачи, што е речиси ист резултат како и годинешниот.
Според податоците на ДИК, во првиот круг на локалните избори за советничките листи на коалициите и партиите и групите граѓани во Центар гласале 20.887 гласачи, а за четирите кандидати за градоначалници 20.828 гласачи. На изборите во 2021 година за советничките листи гласале 20.576 гласачи, а за кандидатите за градоначалници 20.957 гласачи.