Според Трајановски, комуналната полиција ќе има превентивна улога во спречување на создавање диви депонии, палење отпад и несовесно постапување со ѓубрето.
„Со воведување на строги мониторинг и лиценцирање на сите транспортни возила за градежен шут и кабаст отпад, ќе се обезбеди јасно следење на нивното движење и на местата каде отпадот се одлага. Благодарение на беспилотни летала со термални сензори, ќе се врши рана детекција на чад, оган и загадување, што ќе овозможи брза реакција и заштита на животната средина“, вели Трајановски.
Истовремено, додава тој, сообраќајната полиција ќе премине во надлежност на Градот, со што ќе се постигне поефикасно управување со сообраќајот и инфраструктурата.
„Ако токму Градот и општините се тие што инвестираат милиони евра во изградба и одржување на улици, булевари и сообраќајна сигнализација, тогаш логично е и санкционирањето и средствата од казните да бидат во нивна надлежност. Ова е чекор кон вистинска децентрализација и кон поголема ефикасност во секојдневното управување со градот. Средствата од казните ќе се враќаат таму каде што се трошат, во градот и општините“, вели Трајановски.
Трајановски објаснува дека ваквиот модел може да се реализира на два начини, со воведување идентичен принцип на поделба на средствата од сообраќајните прекршоци, како што важи за даноците и комуналиите, или со целосно завршување на процесот на децентрализација во овој сегмент.