Доктор Зекерија Шаини завчера беше застрелан во фреквентен дел од Куманово. Тој е пуштен од болница и се наоѓа на домашно лекување. По нападот, Шаини бил хоспитализиран на одделот за Пластична хирургија во клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје. По успешната интервенција, лекарите потврдиле дека тој е во стабилна состојба и може да продолжи со закрепнување дома.
„Кукавички бев нападнат од маскирани лица. Сакам да ве уверам дека немам непријателство со никого, ниту пак сум ја допрел нечија чест или семејство – за тоа ми е сведок само Бог. Во изборна кампања сме, но не сакам оваа случка да добие политичка конотација. Немам политичко непријателство со никого. Ги молам органите на редот да го расветлат случајот што е можно побрзо“, изјави доктор Шаини.
Од Министерството за здравство соопштија дека со вознемиреност ја примиле веста за нападот врз нивниот колега, додека директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска Павловска, потврди дека пациентот е во добра општа состојба и дека раните се успешно санирани.
Полицијата во меѓувреме ја лиши од слобода 43-годишната А.А. од Тетово, која се сомничи дека е поврзана со обидот за убиство на својот сопруг – докторот Шаини. Се трага и по Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој е осомничен дека директно учествувал во нападот и сè уште е во бегство.
По целосното документирање на случајот, против сите инволвирани ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.