Глобалните геополитички и економски ризици се најголемите двигатели кои го поттикнаа растот на цената на златото за 53% годинава, достигнувајќи рекорд од над 4.000 долари за унца, а аналитичарите не гледаат нешто што би го запрел овој раст, пишува „Ројтерс“.
Овој благороден метал се удвои во вредност во последните три години, бидејќи инвеститорите бараат сигурност среде најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна, меѓу Русија и Украина, како и борбите во Газа помеѓу Израел и Хамас, кои одзедоа илјадници животи, главно палестински, и се проширија со воздушни напади врз Иран и Јемен и со нарушувања во поморската трговија.
На економски план, инвеститорите се вознемирени поради неизвесноста околу економијата на САД, откако претседателот Доналд Трамп воведе царини кои го нарушија глобалниот трговски систем. Дополнителни причини за загриженост се силата на американскиот долар, упорната инфлација и бавниот економски раст во Европа.
Само во септември, цената на златото скокна за 12%, а се зголеми и цената на среброто, платината и паладиумот.
„Овој раст е неверојатен и ни кажува дека нешто лошо се случува и дека треба да бидеме вознемирени,“ изјави Дан Смит, управен директор на Commodity Market Analytics.