Спасувачки мисии се во тек на Монт Еверест откако снежна бура зароби речиси 1.000 луѓе во кампови на источната страна од планината, според кинеските државни медиуми, пренесува Гардијан. Стотици планинари заглавени од снежна бура во близина на источната страна на планината во Тибет беа пренесени на безбедно место од спасувачите во неделата, бидејќи невообичаено обилните врнежи, вклучително и од дожд, ги погодија Хималаите.
Вчера, 350 луѓе стигнаа до малото гратче Куданг, додека со преостанатите над 200 планинари беше остварен контакт, објави Кинеската централна телевизија. Оддалечената долина Карма, која води до источната страна Кангшунг на Еверест, имаше стотици посетители оваа недела, користејќи го осумдневниот празник на Националниот ден во Кина.
Врнежите од снег во долината, која се наоѓа на просечна надморска височина од 4.200 метри, започнаа во петокот навечер и продолжија во текот на викендот.
„Беше толку влажно и ладно во планините, а хипотермијата беше вистински ризик. Времето оваа година не е нормално. Водичот рече дека никогаш не се сретнал со такво време во октомври. И се случи премногу ненадејно.“, рече Чен Гешуанг, кој беше дел од планинарски тим од 18 лица кој стигна до Куданг. Преостанатите планинари ќе пристигнат во Куданг во фази под водство и помош на спасувачи организирани од локалната самоуправа, објави CCTV. Стотици локални селани и спасувачки екипи беа распоредени за да помогнат во отстранувањето на снегот што го блокираше пристапот до областа, според претходен извештај на државно поддржаниот Џиму њуз.