Скопје денеска одбележува 82 години од ослободувањето од фашистичката окупација. На 13 ноември 1944 година, по борбите против германските и бугарските окупаторски сили, единиците на Народноослободителната војска влегле во градот, со што завршила окупацијата на Скопје.
Значаен придонес во ослободувањето имала и XII Македонска скопска ударна бригада, формирана на 12 септември 1944 година во селото Војница, Велешко. Во нејзиниот состав се приклучил и IV Скопски партизански одред, а во моментот на ослободувањето на Скопје бригадата броела околу 1.100 борци и старешини.
По повод годишнината, Државниот архив – Одделение Скопје сподели архивски материјали од албум посветен на IV Скопски партизански одред и XII Македонска скопска ударна бригада. Материјалите содржат фотографии од учесниците во Народноослободителната борба, како и моменти од прославата на ослободувањето на градот.

На дел од фотографиите се забележани граѓани кои излегле на улиците на Скопје за да го прослават крајот на окупацијата и да ги пречекаат ослободителните единици.
Албумот е предаден од Сојузот на борците на град Скопје и се чува во Државниот архив – Одделение Скопје, како архивско сведоштво за борбите и настаните поврзани со ослободувањето на градот.

